Танец на Долни Сарај свечено ќе го отвори 58-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.
Со целовечерен концерт на магичната сцена покрај Охридското езеро, ансамблот „Танец“ ќе настапи на свеченото отворање на овогодишниот Балкански фестивал на народни песни и игри. Ова не е прв настап на „Танец“ на овој познат фестивал, но е ексклузивен и посебен заради чествувањето на јубилејната година на ансамблот, дел од сезоната којашто се одвива под мотото „Остани во чекор – со минатото, сегашноста и иднината“.
Инаку, Охрид уште од далечната 1962 година е домаќин на денес, една од најстарите и најреномирани културни манифестаци од овој вид кај нас и во Европа. Низ овие 58 години низ неговата програма продефилирале илјадници учесници, а целта на фестивалската манифестација е зближување на младите луѓе, размена на искуства, дружење на Балканските земји и негување на фолклорните богатства на различните народи.