Директор

М-р Мартин Вучиќ

       Мартин Вучиќ е роден на 07.08.1982, во Скопје, Република Македонија. Основно училиште завршува во Скопје. Уште од најрано детство пројавува голем интерес за музиката. Првиот контакт со музиката го има на тригодишна возраст .Тогаш го има и првиот контакт со публиката во Универзална сала во Скопје. На седумгодишна возраст настапува на детскиот фестивал “Плетенка” како соло изведувач и ја освојува втората награда од публиката. Во тој период се запишува во нижото музичко училиште на насоката за ударни инструменти,кое го завршува со одличен успех. Во меѓувреме, настапува и со Театарот за деца и младинци во претставата “Спомени во ноќта” на режисерот Бонјо Лунгов во улога на перкусионист.

Средното музичко училиште го продолжува во групата за ударни инструменти. Во текот на средношколската едукација добитник е на две награди во камерен и комбо состав на државните натпревари. Станува член на групата “Арија” како тапанар и вокалист, каде што за прв пат се појавува и во улога на композитор. На музичката Академија го примаат како исклучително талентиран и веќе потврден инструменталист. Тогаш ја започнува и соло кариерата како вокален интерпретатор. Добитник е на многубројни награди и признанија и во изведувачкиот и во авторскиот дел, како во Македонија така и надвор од неа.

Во 2005 год. ја претставува Македонија на изборот за песна на Евровизија настапувајќи со композицијата “Make my day”. Зад себе има и 6 солистички албуми, наменети за Македонскиот и EX-YU пазарот. Во 2003 година освојува втора светска награда во камерна музика заедно со класата по ударни инструменти од ФМУ во Софија (Бугарија).

Негов проект е и “Звуците на Македонија” кој беше промовиран во 2008 год. во Античкиот театар на манифестацијата “Охридско лето”, заедно со својот состав Martin & per-ex, изведуван претежно на ударни инструменти…
Истата година по покана на Министерството за култура ќе биде дел од манифестацијата летен културен бран со кој ќе реализира уште 6 концерти низ Р.Македонија.

Во 2010 заедно со својот бенд Пер-Екс одржува концерт на престижниот фестивал за удиралки ИПЕВ во Бјеловар (Хрватска), каде што наидувана огромни овации од тамошниот аудиториум, а подоцна со истиот проект зема учество на манифестацијата Денови на Македонската култура во Австрија по покана од Министерството за културана Република Македонија со концерт во престижниот Фолкс Театар во Виена.

Магистрира на Факултетот за музичка уметност во 2011 год. со највисока оценка, а истата година го промовира и проектот “Песни за душа”, исто така, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија реализиран со голем оркестар придружуван од повеќе од 55 музичари. Од 2013 година е вработен во Н.У. Македонска филхармонија, а истата година станува член и на големиот ревиски и танцов оркестар на Македонската радио телевизија со кој досега зад себе остава преку 400 аудио записи… Во 2013 год по покана на тогашниот декан на Факултетот за музичка уметност станува дел од катедрата за популарни жанрови како доцент во класата по ударни инструменти. Истата година по покана од нашиот виртуоз, Симон Трпчески, настапуват заедно на неговиот солистички концерт со Прашката Филхармонија во една од најпрестижните сали Рудолфинум. Во 2016 год. ја добива честа заедно со оркестарот Мартин & пер-екс, односно со проектот “Звуците на Македонија” да го отворат фестивалот “Денови на Македонска музика” со целовечерен концерт во Македоската опера и балет.

Во Септември 2018 година е назначен за Директор на Националниот ансамбл за игри и песни Танец.