Танец – 75 години македонски код
"ТАНЕЦ"
75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД
За “Танец” не постојат граници, ниту далечини, тој секаде е како дома, пред него сите порти се отворени, нуди љубов, нуди песни, нуди блискост” – Елзи Иванчиќ Дунин и Станимир Вишински во „Ората во Македонија – сценски дел, “Танец”“, 1995
Ансамблот за народни игри и песни “Танец” е симбол на македонската култура и уметност, амбасадор на македонското изворно и уметнички надградено народно творештво и подвижен музеј на нашата духовна култура во светот.
Формиран е пролетта 1949 година, како плод на една широка културно-уметничка активност што се развила во југословенската држава по ослободувањето, како органска потреба на македонската култура, за собирање, негување и уметничка надградба на македонското фолклорно богатство, како и негово претставување во домашни и меѓународни рамки. “Танец” е основан во вистинско време и од вистински личности, или како што во една прилика ќе напише Душко Димитровски „од аирлии луѓе и во благословено време”. Тоа било времето кога нашиот теренски фолклор бил созреан до уметничко совршенство и кога фолклористите пред себе имале бисери од народни творби, кои само требало да се одберат, забележат и соодветно да се пренесат на сцената, без сквернавење и со мудар избор на неговите идни изведувачи.
Секако, свеста за собирање и зачувување на македонскиот фолклор во голема мера е поттикнато и од будењето на националната свест, во првите децении од минатиот век. Тие сведоштва за вековната културна традиција, создавана на територијата на Македонија, ги имаме по заслуга на браќата Димитар и Костадин Миладинови, на Марко Цепенков, на основоположниците на современата македонска фолклористика – Живко Фирфов, Методија Симоновски, Васил Хаџиманов, како и сите други посветени собирачи, проучувачи, научници и професионални средини, коишто ја продолжија нивната дејност што се протега до денешно време.
Ако говориме за некоја поширока афирмација на македонските народните песни, ора, инструментални мелодии, обичаи и други видови на народното творештво, таа всушност се случува во 30-те години на минатиот век, кога во повеќе села и градови почнуваат спонтано да се организираат фолклорни групи, коишто полека почнуваат да се претставуваат и надвор од локалните рамки. Така, она што во првите години по ослободувањето го направија аматерските фолклорни друштва, во поглед на афирмацијата на нашето вековно културно наследство и она што го претставија на фолклорните фестивали во Штип, Битола и Скопје, подоцна ја наметна потребата за формирање на државна институција, што на најсоодветен начин „ќе го негува, развива и подига уметничкото значење на народните игри, ќе ги обработува и разработува народните песни, и ќе подготвува програми со народни песни и игри, што ќе ги поставува на јавни уметнички настапи”. Овие беа всушност клучните точки на тогашната Уредба на Владата на Народна Република Македонија, под број 2429, од 24 март 1949 година, со која е основан Државниот ансамбл на народни игри и песни на Народна Република Македонија, документ објавен во „Службен весник”, на 4 април истата година. Четири години потоа, на усвоениот предлог на Драган Петрушевски, знаменит играорец на ансамблот, а со Решение на Извршниот совет на Народното собрание на Народна Република Македонија, под бр. 30, од 2 јуни 1953 година, државниот ансамбл го добива името што и денеска гордо го носи – “Танец”.
“Танец” бил посебен културно-општествен интерес на државата, па личностите што требало да ја предводат, се очекувало да бидат докажани културни дејци, но и добро упатени професионалци во фолклорните традиции. Така, за прв директор на ансамблот, тогашната влада го назначила познатиот интелектуалец и општествено-политички деец, музички школуван во Белград, професорот Емануел (Мане) Чучков, којшто имал особен пиетет кон македонското народно творештво. Кусо потоа, како раководител на музичкиот оддел и воедно уметнички директор, бил вработен композиторот и фолклорист Живко Фирфов, човекот што нашата наука го смета за пионер на македонската современа етномузикологија. Визионерскиот тандем на Чучков и Фирфов, по само еден месец спровел аудиција за избор на членови на ансамблот и како прв ороводец и инструктор на фолклорната секција го вработиле Рафаил (Рафе) Жиковски, а по него, за инструктор на фолклорната секција го поставиле Дојчин Матевски.
Целата прва година од дејствувањето на ансамблот била исполнета со многубројни активности, селекции, аудиции, патувања низ земјата заради кадровско доекипирање и собирање на автентични народни носии. Но, најважно од сѐ е што тогаш била поставена и основната програмска концепција, нешто што ќе ги „удри” цврстите темели на кои “Танец” и денеска стамено опстојува. Примерот за поставување на институцијата бил земен од искуствата на веќеформираните професионални фолклорни ансамбли на просторите од тогашна Југославија – „Коло” од Белград и „Ладо” од Загреб, како и на другите професионални ансамбли од источноевропските земји. А тоа бил моделот на познатиот Московски ансамбл „Мојсеев” , формиран во 1937 година, чиј идеен творец Игор Мојсеев се смета за пионер во сценското поставување на народните игри, односно за зачетник на „креативната интерпретација на изворните игри” или „содавање на нови игри базирани врз фолклорната традиција”. Ансамблот „Мојсеев” со турнејата низ словенските земји во 1945-1946 година го инаугурирал моделот на „фолклорна кореографија” и со тоа извршил влијание врз ансамблите на југословенските простори. Така во 1948. година е формиран ансамблот „Коло” во Србија, а по него, следната година, и ансамблите „Ладо” во Хрватска и “Танец” во Македонија.
Мудрите Чучков и Фирфов си поставиле задача, во своите редови да ги донесат тогашните најдобри играорци, песнопојци и инструменталисти. Така, во периодот 1949-1953 година, веќе во првата година во “Танец” ќе бидат работно ангажирани играорците-пејачи од добропознатата „Лазарополска група”, којашто делувала во Културно-уметничкото друштво „Кочо Рацин” од Скопје – Дојчин Матевски, Михајло Михајловски, Трпе Череповски, Цветко Мицевски, Блаже Палчевски и Коста Трпковски. Од Битола биле ангажирани Јонче Христовски, Крсте Штерјовски, Симо Констатиновски, Рада Тасева. Од Скопје биле ангажирани Атанас Коларовски, Спасе Тодевски, Драган Петрушевски, Дончо Ефтимов, Станимир Вишински, Тодорка Дончева-Пешиќ и Васка Балабанова. Во 1950 година, во “Танец” доаѓа Блага Видец, Васка Илиева, Станко Ливрински, Душко Георгиевски, Радмила Вишинова, Душица Крстиќ – (Бојаџиева – Драгутиновиќ) и Вања Лазарова. Во периодот од 1951 – 1953, дел од “Танец” стануваат и Деса Ефтимова, Вера Шијаковиќ, Олга Пешиќ, Натка Стојкова, Љубица Дескова-Коларовска, Стојна Стојанова-Сариевска, Ленче Маркова, Тодорка Антова, Соња Кодрева, Надежда Петренко, Роска Дилева, Вера Филипова, Драгица Пецева, Ѓорѓи Томов, Крсте Дабевски, Крум Русјаков, Тофе Дракулевски, Кемал Етемов, Штерјо Штерјовски, Ленче Маркова и Радмила Трифунац. Паралелно со вработување на првите играорци-пејачи, во ансамблот биле ангажирани врвни музичари-инструменталисти. На почеток, тие биле надарени самоуки изведувачи на традиционална музика на гајда, кавал, зурла, тапан, тамбура, а потоа и на кларинет, хармоника, виолина, гитара, бас, флејта. Меѓу првите инструменталисти кои ја добиле можноста да свират во оркестарот на “Танец” биле: Тодор Бошков на гајда, Миле Коларов и Никола Цветковски на кавал, Тодор Павловски и Стево Георгиевски на тамбура, Славе Тасевски и Решад Јусуф на зурла, Панче Самариски на бас, Емин Селим и Вејсел Чун на кларинет, Милорад Вучиќ на хармоника, Александар Сариевски на тапан, а специјално за изведбата на „Тешкото” на фестивалот во Ланголен биле најмени зурлаџиите Бајрам Сефер и Фаик Али. Потоа, кога ансамблот почнува да расте и програмски и жанровски, во ансамблот се вработуваат и школувани музичари – инструменталисти на хармоника, виолина, флејта и бас, со што “Танец” целосно ја оформува својата организационо-програмска физиономија. Ова прва генерација на раководители, изведувачи и творци на првите музичко-сценски постановки на “Танец”, ќе остави длабока трага во историјата на ансамблот “Танец”, но и врз целокупната фолклорна и музичко-сценска дејност во државата. Таа воедно ќе биде и поттик и патоказ за сите идни генерации.
Имајќи ги во вид сите кадровски и програмски развојни фази на ансамблот “Танец”, низ сите седум и пол децении од неговото основање, нашиот познат етномузиколог Кирил Тодевски препознава шест важни периоди во неговото делување:
– Прв период (1949 – 1958);
– Втор период (1958 – 1956);
– Трет период (1965 – 2002);
– Четврти период (2002 – 2006);
– Петти период (2006 – 2018);
– Шести период (2018 – 2024).
Прв период (1949-1958)
Првиот период на програмско-репертоарското профилирање на ансамблот е период од 1949 до почетокот на 1958 година, кој главно е свртен кон изворните фолклорни содржини и подготовките за првите концертни и фестивалски претставувања дома, на просторите од тогашна Југославија, и првите настапи на Балканот и во Европа.
Тие базични и круцијални години за ансамблот е одбележан со првите сценски трансмисии на традиционалните творби, што доминантно ќе го сочинуваат репертоарот во тие години. Тоа биле изворни ора и песни, главно демонстрирани и поставени од самите играорци и пејачи, со потекло од нивните роднокрајни средини, односно од Скопскиот, Мијачкиот и Битолскиот крај. Веќе во првата основачка година, на репертоарот биле поставени изворни ора од Мијачијата (Тешкото, Лесното, Џангурица, Зетовско, Скудринка, Невестинско), од Скопското подрачје (Црногорка, Женско Крстено, Потрчано, Баба Ѓурѓа, Адана, Поступа но и Грбач и Чучук), како и од Битолското подрачје (Беранче, Чифте Чамче, Бувчанско). И во периодот потоа, од 1950 до 1957 година, на репертоарот главно биле поставувани изворни ора од споменатите поднебја, но полека се збогатувале со творби и од други делови на Македонија (Анадолка, Калајџиско, Ќупурлика, Осман Паша Арамиско, Потрчулка, Копачка, Тешка Крстачка, Рогожарско, односно Старо Тиквешко, Драчевско оро, Малешевка, Петорка, Жетварско оро, Пембе, Влечено оро, Овчеполка, Тоска). Паралелно со поставувањето на изворните ора од Македонија, ансамблот уште во првите години почнал да внесува и народни игри и песни од просторите на тогашна Југославија. Ова било потребно затоа што ансамблот во тие години често гостувал на концерти и по други поводи на југословенските простори и сосема природно било, освен со македонски игри и песни, да се претстави и со фолклорни содржини од тамошните простори. Така на репертоарот биле поставени и игрите: Чачак, Тројанец, Чарлама, Моравац и Шота од територијата на Србија, потоа Дичец, Дрмеж, Посавка, Старо сито, Басара, Врлика, Далматинска поскочица, Линџо, Барањска хумореска од Хрватска, како и игрите Буњевачко момачко коло, Маџарац од Војводина и Гламоч од Босна и Херцеговина.
Секако паралелно со програмското профилирање, “Танец” ја започнал и сценската активност. Така, уште во 1950 година, тимски оформени и професионално подготвени, овие „првоборци” го реализирале својот дебитантскиот концерт, во тогашниот Македонски народен театар, во еден величествен амбиент во кој громогласно одекнувале долгите аплаузи од публиката и пофалните зборови од критиката. Но, малку подоцна во таа иста година го оствариле и својот прв меѓународен пробив и голем успех, настапот на познатиот фестивал со натпреварувачки карактер во велшкиот град Ланголен, Велика Британија, каде што ја освојуваат „Големата награда” (Грандпри-то), и станувајќи апсолутен победник на натпреварот, со освоени максимални 100 поени, што “Танец” веднаш ќе го позиционира на пиедесталот на светската културна мапа, во доменот на музичко-сценскиот фолклор. Никој не можел да им одолеее на изведбите на Лесното и Тешкото, нешто што за тамошната публика и за стручното жири претставувало и прво соочување со спецификите на македонскиот фолклор. Тоа најдобро во својот осврт кон концертот го демонстрирал претседателот на жирито, извесниот професор Тејлор, со зборовите: „Македонската група даде јасно сурова игра, откината од најдлабоките народни пазуви, во која не се виде никаков допир на индивидуална уметничка рака. Таа игра е доказ дека таму живее народ со висока култура и сите други досегашни играорни групи, во споредба со неа претставуваат или почетници или лоши стилизатори”. Учесници на овој историски важен настап биле: Дојчин Матевски, како ороводец, потоа Крсте Штерјоски, Коста Трпковски, Дончо Ефтимовски, Трпе Череповски, Драган Петрушевски, Михајло Михајловски, Цветко Мицевски, Блаже Палчевски, Атанас Коларовски, а на тапан свирел Александар Сариевски со зурлаџиите Бајрам Сефер и Фаик Али, двајцата специјално ангажирани за настапот во Ланголен. Така, по првиот концерт во Скопје и по величествениот успех во Ланголен, на ансамблот широко му биле отворени можностите за настапи на просторите од тогашна Југославија и во Европа. Секако, уметниците на ансамблот биле посебно почестени со поканите за настап во седиштето на УНЕСКО (UNESCO) во Париз, во знаменитиот „Ројал Алберт хол” (Royal Albert Hall) во Лондон, потоа во Брисел, Берлин, Софија, Атина, Тирана, Тел Авив, Израел, Египет и во многу други земји од Европа. А посебно значајна за ансамблот е тримесечната турнеја во Соединетите Американски Држави и Канада, во 1956 година. Таму “Танец” одржал дури шеесет концерти во најпознатите концертни сали во тие земји.
По востановувањето на првите програмски содржини, главно со изворен карактер, уште во првите години од Првиот период во ансамблот се најавуваат никулците на помасовни сцеНски прикази, како резултат на согледувањата дека има потреба на публиката да ù се понуди нешто ново, надградено со помасовна сценска разиграност. Така, директорот Емануел Чучков, во соработка со Дојчин Матевски и Рафе Жиковски, ќе ги поставил Русалиските игри и Комитско, а Атанас Коларовски, на музика од Кочо Петровски, ќе ја постави Фолклорна фантазија. Но, помасовните сценски прикази со побогати содржински мотиви ќе бидат основен белег за наредниот период на ансамблот, кој ќе означи нов правец во начинот на користењето и надградувањето на фолклорната материја.
Втор период (1958-1965)
Вториот период го означува доаѓањето на композиторот Трајко Прокопиев за директор на ансамблот, кон крајот на 1957 година. Како композитор и познавач на спецификите на македонскиот фолклорен израз, тој на самиот почеток се заложил програмските содржини, покрај со изворните игри, главно да се насочат кон нови изрази; содржински разновидни, сценски масовни и раздвижени, надградени и со побогати звучни матрици. На овој план и самиот ќе се ангажира во пишувањето на музичките партитури. Прв на кого ќе се обрати, бил играорецот Глигор Василев, за кого имал сознанија дека имал завршен соодветен кореографски курс во Бугарија, а потоа и на Атанас Коларовски.
Првиот ќе ја осмисли и постави во 1958 година, денес антологиската кореографска постановка Седенка, за која музиката ја напиша Трајко Прокопиев, а вториот, Атанас Коларовски, на музика од Трајко Прокопиев, ќе ги постави, исто така, антологиските кореографии Драчевка во 1960 година и Калајџиско во 1965 година, на кои се надоврзува и знаменитата постановка на Трајко Прокопиев Невестинско, поставена во 1960 година. На нив, во 1965 година, со авторско искажување се јавуваат: Димитар Алексов со кореографијата Осоговка, во 1962 и Душко Георгиевски со кореографската постановка Тропнало оро во 1965 година, Јонче Христовски, со Тресеница, за кои музичките обработки ги напиша Ѓорѓи Димчевски.
Основен белег на овие значајни масовни прикази, кои ќе го насочат правецот за натамошниот програмско-репертоарски развој на ансамблот го прави следното:
- Авторите изборот на фолклорните содржини го лоцираат на одделно поднебје;
- Кореографските постановки имаат своја фабула, се внесуваат соодветни драмски елементи, улоги на играорци (церемонијал-мајстори);
- Сценска раздвиженост, солистички сегменти и учество на целиот ансамбл;
- Но, она што е посебно значајно, авторите на кореографиите го задржуваат традиционалниот фолклорен израз во кореолошките стапки, зачувување на кружниот тек во движењата, постепено внесување на странични и челни леси и постепеното динамичко нијансирање, до брз финален завршеток;
- Еднакво, на масовниот визуелниот сценски приказ, му била потребна и побогата звучна слика. Оттогаш започнува и масовниот звучен приказ, што го доловуваат звучните матрици со пишаните партитури. Постигнатиот успех со наведените кореографски постановки, приемот на публиката и оценките на компетентните, го насочија правецот за наредните авторски искажувања, кои ќе бидат белег за Третиот период, од 1965 до 2002 година.
Tрет период (1965-2002)
Третиот период на програмско-репертоарски развој на ансамблот “Танец” е период во кој се проширува опфатот на орско-песнопојни содржини од повеќе фолклорни поднебја на Македонија и првпат содржини од Егејското и Пиринското фолклорно поднебје, дотогаш малку познати за пошироката јавност. Паралелно со ова, посебно значајно е и тоа што се јавуваат нови авторски имиња од редовите на ансамблот – поставувачи на кореографските постановки и пишувачи на музички аранжмани. Всушност, главниот акцент во третиот период ќе биде насочен кон нови кореографски постановки, од автори од првата и од втората генерација, а како автор на музичките обработки за новите кореографии, најекспониран ќе биде Ѓорѓи Димчевски. Покрај него, како автори се јавуваат и Лазо Трпковски, Ратко Гелевски, Томе Цветковски, Кирил Зифовски, Тодор Јованов и Милан Завков, кој по Ѓорѓи Димчевски, со вработувањето во “Танец” од 1999 година, па натаму, се јавува како најзастапен автор на музички обработки на кореографски постановки.
Како автори на нови кореографски постановки во Третиот период се јавуваат:
- Дојчин Матевски – Ѓурѓовденка (1966), на музика на Ѓорѓи Димчевски
- Димитар Алексов – Жетварка (1968), на музика на Ѓорѓи Димчевски
- Благоја Филиповски – Свадба (1968), на музика на Ратко Гелевски
- Томе Цветковски – Солунка (1973), на музика н а Ратко Гелевски
- Глигор Василев – Цвеќеберачки (1967), на музика на Ѓорѓи Димчевски
- Тодор Јованов – Езерски бранувања (1979), на музика на Тодор Јованов, Бркање на чумата (1987), на музика на Тодор Јованов, Илинден (1989), на музика на Тодор Јованов, Сретсело (1992), на музика Тодор Јованов, Поречки игри (2002), на музика на Тодор Јованов
- Светлана Ќириќ – Џамала и Водичарки (1995), на музика на Драган Даутовски (кореографска постановка поврзана со обредните обичаи во таканаречените некрстени денови од Божик до Водици)
- Стојче Каранфилов – Пиринско пролетно цвеќе – Пирин (1992), на музика на Стојче Каранфилов, Стојанче Костовски, Кирил Зифовски, Преспански игри (2001), на музика на Кирил Зифовски, Копачија (2001), на музика на Милан Завков, Прилепски игри (2002), на музика на Милан Завков
- Владо Станоевски – Два танца (1989), на музика на Лазо Трповски, Старо тешко (1992), на музика на Драган Даутовски, Рудо јагне (1999), на музика на Лазо Трповски.
Авторите на новите кореографски постановки во основа го задржуваат начинот на сценската надградба на фолклорните содржини како авторите од првата генерација. Кореографиите ги лоцираат на одделни фолклорни поднебја, обреди, настани од историското минато, внесуваат драмски елементи, ги користат најтипичните кореолошки елементи од изворните ора, преку сценските раздвижености, го користат сценскиот простор и она што е значајно, главно го задржуваат кружниот тек на ората. Третиот период е значаен и по тоа што се реализирани неколку телевизиски документарни емисии и сè почестите снимања на песни на носачи на звук, за дискографски продукции со вокални солисти, дуети и пејачка група.
Секој период од развојниот процес на ансамблот “Танец” на програмско-репертоарски план носи свој белег. Ако за првиот беа изворните ора и песни, за вториот сценско-кореографските постановки и првите музички обработки, третиот збогатување на репертоарот со фолклорни содржини од повеќе поднебја и секако првпат се појавуваат содржини од поднебјата на Пирин и Егеј, четвртиот период носи исто така значајни програмски зафати.
Четврти период (2002-2006)
Четвртиот период на изворен план го одбележуваат поставувањето на едно од варијантите на таканаречените глувонеми ора под името К’лц нога, поставено во 2004 од Снежана Балканска. Сценската адаптација на орото Копачка е поставено од Љупчо Маневски, кој го обнови и орото Шопска петорка, претходно поставено од Цветко Мицевски, а потоа изиграно како дел од кореографијата Седенка. Во тој период е поставено и Женско чамче од Снежана Балканска и Љупчо Маневски, а како база на тоа е истоименото оро, изиграно на почетокот од формирањето на “Танец”. Но, посебен програмски белег, покрај востановувањето на новогодишните и велигденските концерти, се неколкуте програмски проекти, кои со својата иновативност донесоа свежина и кои предизвикаа големо внимание кај публиката. Имено, првпат ансамблот преку таканаречени кореодрами, на публиката ù се претстави со привремена сценска трансмисија на песни и игри поврзани со обредно-обичајната традиција и песни и игри со нагласени лирски содржини. Таков беше примерот со кореодрамите: За здравје и бериќет (2005) и Македонска љубовна приказна (2006). Во програмскиот проект За здравје и бериќет, по сценарио на Стојче Каранфилов и Велика Стојкова, уметничка постава на Љупчо Маневски, а во режија на Сашо Миленковски, низ пресек на обредно-обичајни настани во текот на годината, со учество на артистите Шенка Колозова и Ванчо Петрушевски и уметниците на ансамблот, на суптилен, уметнички дострел на сцената првпат се одвиваше еден несекојдневен уметнички перформанс.
Наредната 2006 година, ансамблот “Танец” премиерно на публиката ù подари уште едно уметничко доживување со кореодрамата Македонска љубовна приказна. По сценарио на Марко Колоски, уметничка поставка на Љупчо Маневски, а во режија на Сашо Миленковски, низ колаж од љубовни напеви и игри беше доловена љубовната идила, со среќен крај, на мома и ерген од различни социјални средини, село – град.
Покрај овие две кореодрами, во текот на четвртиот период на “Танец”, беа реализирани и проектите: „Бистри води” и „Синтезис”, како и концерти под наслов „Пролет со ѕвезди” на кои гостуваа Тодор (Тоше) Проески, Влатко Стефановски, Зафир Хаџиманов, Наум Петрески, Сузана Спасовска и други.
Петти период (2006-2019)
Петтиот период го продолжува процесот на збогатување на репертоарот со нови програмски содржини, главно од поднебја што дотогаш не биле застапени, со докажани поставувачи, но и со нови авторски имиња. Така, покрај Стојче Каранфилов, кој во 2007 година, во соработка со авторот на музичката обработка Милан Завков, ќе ја постави кореографската постановка Битолски игри. Со свои проекти се јавуваат и Симеон Чулев со постановките Охридски игри (2007) каде автор на музичката обработка е Милан Завков, Беломорски бисер (2008) со музика обработка на Милан Завков, Лазаренки (2008) со музичка обработка на Бошко Тренески и Милан Завков, потоа На мегдан (2009) со музичка обработка на Милан Завков, Егејка (2018) со музичка обработка на Златко Димитријовски.
- Јовица Блажевски Посеље музика Сашо Митев, Малешевка (2011), музика Сашо Митев и Влатко Терзиски, Пијанец (2012), музика Сашо Митев, Кумановка (2013), музика Милан Завков
- Љупчо Маневски – Роненка (2014), на музика на Бајса Арифовска
- Стојанче Павловски – Раштак (2015), на музика на Сашо Митев
Петтиот период на дејствувањето на Ансамблот “Танец”, покрај неколкуте нови кореографски постановки, од повеќе наши етнички предели, го одбележуваат и поводни програмски проекти:
- Велигденски сплет – изигран на концертот посветен на велигденските празници (2007) година, по сценарио на Симеон Чулев и музика на Милан Завков;
- Бистри води – концерт на вокално-инструментални творби со изворен карактер (2007);
- “Танец” во ново руво – презентација на нови програмски содржини (2008);
- Сонот на првите автори – концерт посветен на кореографите Атанас Коларовски, Глигор Василев, Дојчин Матевски и др. (2001);
- Душата на Македонија – промоција на Монографија по повод 65 години “Танец”;
- Ревија на народни носии од фундусот на ансамблот (2014);
- Од рожденство до воскресение (2015) – пригоден концерт со учество на четири актери од МНТ;
- Дигитално архивирање на студиски аудиоснимки на носачи на звук, реализирани низ годините со вокални солисти, дуети, пејачка група и оркестарот на “Танец”;
- Отворање на спомен-соба на ансамблот “Танец”.
Шести период (2018-2024)
Покрај тековната концертна дејност на ансамблот, последниот шестгодишен период за НУ “Танец”, почетно е видливо маркиран со подготовката и одржувањето на концертот по повод 70-годишниот јубилеј на институцијата. Тоа е периодот во кој, во 2018-та година, на директорската позиција е назначен м-р Мартин Вучиќ, академски музичар од оркестарот на Македонската филхармонија, со завидна кариера на врвен изведувач на ударни инструменти, автор и вокален интерпретатор, со искуство од аматерскиот фолклоризам, но и семеен наследник на неговите дедовци, големите имиња на “Танец”, Милорад Вучиќ и Пеце Атанасовски.
Во неговиот мандат беше создаден нов модерен пристап кон фолклорната материја и сценската презентација на програмата и ансамблот, и започна да се води особена сметка за имиџот и впечатливата медиумска афирмација на сите активности во институцијата, во духот на времето на модерните технологии. Сите сезоните почнаа да добиваа тематско мото, како на пр. „Остани во чекор”, „Враќање”, „Печат на времето”, “Танец– 75 години македонски код”. Целокупната дејност на ансамблот беше внимателно следена со фотографско и видео документирање, а за 70-годишнината беше издадена и нова модерна и нетипична монографија на авторот Кирил Тодевски, посветена на десетте антологиски кореографии од репертоарот на ансамблот. “Танец” за прв пат, со комплетно поседување на авторските права (дотогаш тие беа на Националниот сервис МРТ), трајно ги сними своите најрепрезентативни концерти, а меѓу нив имаше вистински спектакли, како велигденските, јубилејните и новогодишните концерти, потоа и концертните спектакли под отворено небо на античките локалитети, но и дел од инспиративните концерти низ другите градови во земјата. За оваа цел беше вклучена најсовремената технологија за реализација на мултимедијални 3Д настани и најсовремена постпродукција (во 4 К резолуција), која произведе материјал по најновите светски стандарди. Тие концерти денес, редовно се емитуваат во премиерно време на МРТ, но и на другите телевизии со национална фреквенција, како и во светот, преку сателитските канали.
Во овој период, “Танец” после долга пауза од 11 години, реализираше турнеја во далечната Австралија, а концертно отпатува и во Шведска, Франција, Соединетите Американски Држави, Канада, Словенија, Хрватска, Србија и Бугарија, настапувајќи во најпрестижните концертни сали. На патувањето во Франција, во Париз, во 2019 година, десетчлениот оркестар на Танец под водство на Дарко Илиевски, се закити со престижната награда, Гранд При на Меѓународниот фестивал на уметностите “Les Etoiles De Paris”, во конкуренција на 350 учесници. Оркестрантите на “Танец” ги освоија симпатиите на четиричленото меѓународно жири и публиката, и беа апсолутни победници и миленици на целиот фестивал. Ваков успех му се случи на Танец, по прв пат од антологискиот настап на играорците во Ланголен и првата меѓународна награда, после 69 години од таа историска 1950 година.
За овој кус период, институцијата оствари многу проекти, но и отвори многу нови аспекти за натамошен развој. Веднаш по одбележувањето на 70-годишнината, продолжи нагорниот тренд, кога ансамблот се справуваше со сѐ поголеми предизвици и отвораше нови хоризонти. Плански беа воведени нови концертни циклуси, кои ја негуваа изворноста, но и новите трендови. Тоа се циклусите „Изворни минијатури”, „Танец дома”, „Танец низ татковината”, „“Танец низ меридијаните„, „Танец под ѕвездите“, „Етнофузија”, „Византиско пеење со македонски корени”, „Едукативни кампови” итн. Беа величествено чествувани и големите јубилеи – 100-годишнините од раѓањето на големците на „Танец“ – Александар Сариевски, Васка Илиева и Ѓорѓи Димчевски, кои покрај концертниот дел содржеа и документарни филмови работени по сценарио на етномузикологот м-р Бранка Костиќ – Марковиќ и останаа како драгоцено сведоштво за животот и делото на големите уметници. За потребите на вакви содржини, институцијата оствари меморандуми за соработка со Македонската радио и телевизија, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Кинотека на Македонија, Сојузот на композиторите на Македонија, Манифестацијата „Галичка свадба“, ТВ Телма и други организации и индивидуални иматели на драгоцени материјали од историјатот на „Танец“. Ваквите документарци беа дел и од јубилејните концерти за 70-годишнината, за Велигденскиот концерт „Велигден е, Ѓурѓовден е“ во 2024 година, како и за оваа 75-годишнина „Танец – 75 години македонски код“.
Во однос на програмско-репертоарната дејност, таа во овој шестгодишен период е резултат на колективна работа која е во согласност со генералната визија на управителот и раководителите во институцијата, на директорот Мартин Вучиќ, раководителот на сценско-уметничката дејност Бранка Костиќ-Марковиќ, а доминантно на раководителите на уметничките корови во институцијата – во првиот период Марјан Андоновски (раководител на играорниот кор), Гоце Цоневски (раководител на хорот) и Милан Завков (раководител на оркестарот), а по нив Јовица Блажевски (сегашен раководител на играорниот кор), Кирил Спасеновски (сегашен раководител на хорот) и Дарко Илиевски (сегашен раководител на оркестарот).
Во однос на програмските новитети, во овој шестгодишен период, се комисиски прифатени и поставени четири нови кореографии:
– „Воденка“ (2018) на авторите Симеон Чулев (кореографија) и Златко Димитријовски (музичка обработка);
„Радовишки собор” (2019) на авторите Јовица Блажевски (кореографија) и Дарко Илиевски (музичка обработка);
– „Мијачка” (2021) на Марјан Андоновски (кореографија) и Дарко Илиевски (музичка обработка);
– „У ливаду” (2024) на Јовица Блажевски (кореографија) и Сашо Митев (музичка обработка).
Во овој период се направени проекти-фузии со нов пристап кон фолклорната материја:
– Проектот „Влатко и Танец“ (2022) , каде автор на аранжманите на традиционалните теми за оркестар, хор и солист на електрична гитара е Дамир Имери, а настапуваше оркестарот и хорот на Танец, надворешни џез музичари, со македонската гитарска легенда Влатко Стефановски;
– Проектот „Фолклорно–класична симбиоза” (2023) беше посебно комплексен концепт. За него, композиторот и аранжер Дарко Илиевски создаде нови симфонизирани аранжмани за оркестарот и хорот на Танец и симфонискиот оркестар и оперскиот хор на Македонската опера и балет, врз музиката од неколку кореографии на “Танец” и други народни мелодии и ора од репертоарот на ансамблот. Со целиот изведувачки состав од 130 учесници диригираше маестра Бисера Чадловска.
Овој проект е можеби оној што во последниов шестгодишен период на НУ „Танец“ одекна најсилно во македонската, а преку снимките поставени на онлајн платформите, и во регионалната јавност. Тоа е веројатно од причините што за првпат во постоењето на националните институции “Танец” и „Националната опера и балет“ се случи нивна соработка и заеднички сценски перформанс. Со повеќе од 130 учесници на сцена, во симфонизирано руво прозвучија антологиските кореографии: Осоговка, Водарки, Жетварка, Малешевка и Пиринско пролетно цвеќе. Наменските варанжмани и композиции кои ги споија оркестарот и хорот на “Танец” со оркестарот и хорот на НОБ во една нова звучна слика, а која според авторот на оркестрациите и аранжманите Дарко Илиевски, беше грижливо бирана и работена со цел да даде оркестрациско-аранжманска и програмска градација, беше своевиден подвиг. Кореографиите и симфонизираните традиционални песни и ора, и вокално-инструментални композиции, кои го искористија целиот капацитет на ансамблите предвидени за проектот и со тоа „Фолклорна-класична симбиоза“ по својот обем е еден од најголемите проекти на “Танец”. Тоа е комплексно дело кое прикажа врвен уметнички израз, и сериозен придонес кон збогатувањето на македонската музичка култура. Тој е севкупно втор обид на симфонизирање на кореографиите на “Танец”, после аранжманите на Живко Фирфов за музичката подлошка на антологискиот филм „Ритам и звук” на Трајче Попов од 1955 година.
Во поглед на дејноста на Дарко Илиевски во овој период на Танец, покрај тековната работа на раководител на оркестарот, тој создаде и низа музички обработки и нови аранжмани за потребите на концертната активност на актуелниот оркестар, којшто значително се разви и порасна од оној во минатото. Овие творби се изведувани како инструментални и вокално-инструментални точки на редовните концерти на целиот ансамбл, но и на посебните вокално-инструментални концерти на хорот, солистите и оркестарот на “Танец” (во рамките на манифестациите „Скопско лето”, „Есенски музички свечености”, за потребите на државните свечености и сл). Кога говориме за развојот на оркестарот, после големите придонеси на Галевски, Димчевски, Завков и сите оние кои го дале својот влог во него, назначување на Дарко Илиевски за негов раководител се случија евидентни придвижувања напред, во повеќе насоки. Земајќи го предвид зголемувањето на бројноста и разновидноста на оркестарот на “Танец” последниве години, како и неговата специфичност и јасна профилираност градена низ годините, тогаш стана неминовно да се пристапи кон еден систематизиран, унифициран и професионален музички пристап, кој ќе го отстрани секое произволно толкување, а ќе донесе јасен систем на дефинирање и организација на сите елементи на една оркестарска партитура. Секако, притоа водејќи сметка и за зачувување на автентичната идеја на авторот на оригиналната музичка обработка, но и за прекинување на недефинираната или своеволна пракса во начинот на употребата на орнаментиката при живите изведби, акордските решенија и мелодиското водењето на гласовите, употребата на повеќегласието и сл. Процесот на аранжирање и оркестрирање за ансамбл, каков што е актуелниот изведувачки состав на “Танец”, веќе не можеше да се потпре врз вербалното давање насоки за интерпретација на материјалот или врз индивидуалната меморија на оркестрантите. Без оглед што досега генерално владееше мислењето дека одредени инструменти, какви што се македонските изворни инструменти, немаат голем изведувачки потенцијал заради нивниот лимитиран амбитус и скудните инпретативни можности, сепак, актуелниот изведувачки состав на “Танец” е целосно спосообен за поинаква диманика на аранжманот, нова естетика и бројни нови инструментациски вештини за збогатување на звукот. Со овој анасмбл и ваквиот инструментациски и аранжерски пристап кон постоечката материја, можеме слободно да кажеме дека издавањето на двете збирки нотографии, за чии современи аранжмани се погрижи Дарко Илиевски, е обезбеден нотен материјал достоен за антологиската важност на самите дела што се наоѓаат во збирките. Првата публикација ,,Од ризницата на “Танец”’’ со поднаслов ,,Шест антологиски кореографии’’ кое излезе на крајот на 2020 година ги опфати антологиските кореографии: Седенка, Драчевка, Невестинско, Осоговка, Калајџиско и Жетварка (аранжманите се на Дарко Илиевски, а нотографиите и предговорот на Марко Коловски), а на крајот на 2023 година, истиот тим ја изработи и второта збирка, во која место најдоа нови шест постановки од репертоарот на ансамблот: Тресеница, Свадба, Сред село, Тропнало оро, Водарки и Беранче.
Секако, видливиот развој на “Танец” во овој шести период е означен и со свесноста на Вучиќ за потребата од вклучување на етномузиколог во дејноста на “Танец”, по многу години од периодот на директорувањето на Мане Чучков, кога веднаш беше ангажиран Живко Фирфов (1949-1955) и по цели две децении од периодот на директорувањето на Марко Коловски, кога во работата на „Танец“ беше вклучена Велика Стојкова Серафимовска (2002 до 2008), која како етномузиколог (од 2005 до 2007 и како раководел на пејачкиот кор) оствари значајна стручна дејност во институцијата. Така, во 2019 година, директорот Вучиќ ја ангажира м-р Бранка Костиќ-Марковиќ, прв студент на проф. д-р Ѓорѓи Ѓорѓиев, од првата генерација македонски етномузиколози и прв магистер по етномузикологија со завршени студии во Македонија, на ФМУ во Скопје, на почеток како хонорарен соработник за подготовка на сценариото за големиот јубилеен концерт по повод 70-годишнината од основањето на “Танец”, а подоцна и со вработување на позицијата уметнички раководител на сценско-уметничката дејност во НУ “Танец”, на која е и денес.
Таа во “Танец” дојде и со драгоценио тридецениско медиумско искуство, што потоа видливо ќе се одрази и на подигнатите стандарди во однос на целокупниот углед и медиумски лик на “Танец” во јавноста. Покрај нејзините основни задолженија за подготовка на елаборатите за годишните програми на НУ “Танец”, како дел од нацрт-годишните програми во ресорното министерство, таа иницираше и, заедно со раководителите и директорот, организираше и реализираше проекти надвор од редовниот годишен план, во соработка со други институции, коишто ја збогатија програмата во неколку правци. Такви проекти беа:
– „Црковно пеење од словенско-византиската традиција во Македонија”, одржан на фестивалот „Денови на македонска музика“ (ДММ 2022) во организација на СОКОМ во Музеј на македонската борба, на кој настапи хорот на Националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и за првпат ќе изведе концерт на словенско-византиско пеење, кој ја отсликуваше тесната врска меѓу фолклорната и црковната македонска вокална практика. На програма беа изведени литургиски творби од црковно-музички дејци кои дејствувале на територијата на Македонија, како Јоан Хармосин Охридски, Јован Кукузел, Јанаки Стојменович, Андон Шахпаски, Манасиј Поп Тодоров, Васил Иванов – Бојаџиев, Јане Коџабашија и други. Хорот настапи под раководство на м-р Гоце Цоневски, со стручна соработка на д-р Мирјана Павловска Шулајковска и д-р Јане Коџабашија, а низ програмата се одвиваше музиколошка дискусија со историски осврт во кој учествуваа музиколозите д-р Мирјана Павловска Шулајковска и д-р Јане Коџабашија и етномузикологот м-р Бранка Костиќ-Марковиќ. Неколку месеци потоа, финансиран од надворешни извори, беше издаден и компакт диск од концертот, којшто беше дистрибуиран во 100 примероци во списанието „Премин“, со што настанот доби широк публицитет.
– “Танец” во фокусот” беше мултимедијален настан во соработка со Кинотека на РСМ, што „Танец“ го организираше како дел од чествувањето на 75-годишнината од основањето на националниот ансамбл. Во него имаше повеќе содржи – проекции, осврти, презентации, дебата, ревијални и музички перформанси, кои во својот фокус го имаа „Танец“, како еден од највлијателните и најинспиративните ансамбли во целокупната култура кај нас и во светот. Сите учесници, низ сопствена перспектива го опсервираа „Танец“, како жив чувар на македонското културно наследство и како нивна лична инспирација. Низ повеќе стручни елаборирања на теми поврзани со значењето на „Танец“ настапија м-р Бранка Костиќ-Марковиќ, етномузиколог и уметнички раководител на сценско-уметничката дејност во „Танец“, доцент д-р Стојанче Костов, истражувач на народните ора и научен соработник од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, проф. д-р Митко Хаџи-Пуља од Архитектонскиот факултет, Ласко Џуровски, типограф, м-р Благица Илиќ – етнолог и професор по народни игри и песни од Насоката за традиционална музика и игра во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Светлана Ќириќ, етнолог и стручен соработник за сценско-уметничка дејност во НУ Танец и др. Како прва содржина на настанот беше кино-прикажувањето на филмот „Ритам и звук“ на режисерот Трајче Попов, од 1955 година, каде главната улога ја има токму Ансамблот Танец.
– „Од архивите на МРТ“, беше концерт во рамките на фестивалот „Денови на македонска музиката“ во организација на СОКОМ, во соработка со МРТ. Тој обедини неколку значајни јубилеи – 80 години од основањето на МРТ, 75 години од основањето на Танец и Народниот оркестар на МРТ, и 70 години од раѓањето на Тодор Трајчевски. Се одржа во камерната сала на Македонската Филхармонија и со него се направи жанровско отклонување (по принципот на успешниот концерт со македонските византиски црковни минијатури), па овој пат беа исполнети атрактивни минијатури од најпознатите автори на аранжмани за големиот Народен оркестар на МРТ (за кои беа користени оригиналните партитури од нототеката на МРТ), а на самиот концерт му претходеше ексклузивно интервју со последниот негов раководител, виолинскиот виртуоз Благоја Десковски. Овој разговор се одвиваше во живо, на самата сцена, а го водеше Бранка Костиќ-Марковиќ. Исто така, целиот настан беше снимен од Македонската радио телевизија. по повод годишнините на МРТ, Народниот оркестар на Мкаедонското радио, авторот Тодор Трајчевски и јубилејот на “Танец”, 2024 година. Ова се совпаѓаше со концептот на директорот Вучиќ и уметничкте раководители на оркестарот и хорот на “Танец”, за поттикнување на самостојно делување и на оркестарот и на хорот на “Танец”, кои во последните години го постигнаа капацитетот за таква дејност. Кон ова се вредни за споменување и хуманитарните концерти кон кои беа вклучувани уметниците на “Танец”, со што институцијата уште еднаш, како и низ сите години на своето постоење, ја покажа својата општествена одговорност.
Не помалку важно во овој период е и тоа што во овој период, “Танец” доби и ново креативно решение на логото, од авторот Игор Ќулавковски, кое потоа специјално за 75-годишниот јубилеј го вообличи во јубилејно графичко руво, Ласко Џуровски, кој на “Танец” му подари и еден несекојдневен и безвременски подарок, автентичен фонт со име “Танец”.
Во оваа шеста отсечка од седумиполдеценискиот историјат на “Танец” е јасно видлив односот на современото наспроти историското и ансамблот се справуваше со сѐ поголеми предизвици, но отвораше и нови аспекти. Се воведоа нови концертни циклуси кои ја негуваа изворноста, но и новите трендови. Тоа се циклусите „Изворни минијатури”, „“Танец” дома”, „“Танец” низ татковината”, „“Танец” низ меридијаните„, „Етнофузија”, „Едукативни кампови” итн. За жал, во овој период се случи и еден многу тежок моментум за целото човештво, а со тоа и за сите институции од областа на културата, особено за оние со танцова дејност, кога сѐ мораше да биде во принудно мирување заради пандемијата од Ковид-19. Сепак, и во такви услови “Танец” наоѓаше начини да го одржи континуитетот и во своето работење и во однос на публиката, па овие речиси две тешки години без концертна активност, се одржаа онлајн конференции со ансамблите „Коло” од Србија и „Ладо” од Хрватска, потоа во 2020 година, публиката на “Танец” можеше да ужива во Јутјуб емитувања на десет ексклузивни концерти снимени во јубилејната 2019 година, што во целиот сложен прериод за светот, даде можност за насочување на вниманието кон уметност и понуди алтернатива за одржување на континуитетот на ансамблот со јавноста.
Исто така, во овој период, на иницијатива на директорот Мартин Вучиќ, кој заедно со уметничкиот раководител Бранка Костиќ Марковиќ, подготвија обемен елаборат за институцијата, за соодветно урбанистичко-архитектонско решение за нов концертен дом. Врз основа на тој елаборат беше поднесено и официјално барање од НУ “Танец” до Владата на Р.С. Македонија, кое потоа, на 72. владина седница одржана на 23 јуни 2020 година, беше разгледано и се донесе официјална одлука се задолжи Министерството за култура да предложи соодветно решение до Владата за да се реши повеќедеценискипот проблем со кој се соочува Националната установа Ансамбл за македонски народни игри и песни “Танец”. Како дел од овие иницијативи на афирмирање на потребата од концертна сала за “Танец” произлезе и изработката на 17 идејни решенија за модерен концертен простор за “Танец”, који што беа претставени и на изложбата во пресрет на новогодишниот концерт на “Танец” во 2022 година. Имено, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” како дел од наставата спроведе менторска изработка на студентските архитектонски решенија за нов мултинаменски објект за НУ “Танец”, со соодветна концертна сала и дом по мерка на неговите потреби и објект по заслуга на неговите успеси. Овие проектни задачи, идните архитекти ги работеа под менторство на педагошкиот тим од Факултетот во состав проф. д-р Александар Радевски, проф. д-р Горан Мицковски, проф. д-р Митко Хаџи-Пуља, м-р Димитар Крстески и надворешниот предавач, етномузикологот м-р Бранка Костиќ-Марковиќ, во рамките на Архитектонското студио 8/3, кое се одиваше во летниот семестар од тековната студентска година. Нивните индустриски објекти беа наменети за една поинаква “индустрија” и оттука архитектонското студио беше именувано „Институт за производство, истражување и едукација на материјално и нематеријално културно наследство”. Иако, во текот на целиот овој период имаше и желби и иницијативи, но и конкретни и идејни решенија и акции, за жал сите досегашни заложби од оваа иницијатива го немаат финалниот исход – нов објект за НУ “Танец”. Сепак, за истакнување е фактот што токму една од главните заложби и на новата, актуелна директорка на “Танец”, Весна Митевска, е конечна реализација и трајно решавање на овој седумиполдецениски проблем на НУ “Танец”. Тоа дава надеж дека шансите на “Танец” да се вдоми во простор кој многукратно го заслужил ќе стане и реалност.
При крајот на овие историски белешки, истакнуваме уште еден податок од категоријата „По прв пат” во НУ Танец. По враќањето на директорот Мартин Вучиќ на матичното работно место во Македонската Филхармонија, во јули 2024 година, на чело на НУ “Танец”, за прв пат во историјата на институцијата е назначена жена директор од редовите на играорниот кор, етнокореологот Весна Митевска. Таа во овој кус период, успешно ја продолжи тековната годишна јубилејна програма и ги реализираше веќепредвидените концерти низ македонските градови. Потоа оствари и неколку претставувања на анасамблот вон годишната програма и ја реализираше Балканската турнеја на ансамблот во Црна Гора, Словенија и Хрватска. Она што го внесе како новитет е тоа што неодамна иницираше и реализираше едукативна програма за младинци од 18 до 23 години, каде по пат на селекција беа избрани млади играчи и пејачи со најголем потенцијал, со кои речиси еден месец работеа повеќе инструктори од редот на вработените во “Танец”. Дел од овие младинци ја добија шансата да настапат и на вечерашниот концерт. На овој начин “Танец” ги подготвува наследниците, процес што се одвивал и низ поранешниот „Млад “Танец”“, процес што се одвивал со години низ постојаната поддршка и тесна соработка со културно-уметничките друштва во земјата и училиштата во кои се одвива соодветна настава за создавање на иден кадар што ќе ја продолжи светлата историска траекторија на едниот и единствен “Танец”.
Приредувач на текстот: м-р Бранка Костиќ-Марковиќ, уметнички раководител на сценско-уметничка дејност во НУ “Танец”
Текстот е базиран врз податоци од архивата на НУ “Танец” и публикуваните монографските изданија за ансамблот “Танец”, доминантно врз административната и програмска граѓа на НУ “Танец” (за последниот период )иматеријалите на од монографските изданија :
Кирил Тодевски. 2019. Остани во чекор – 10 антологиски кореографии. Ансамбл за народни песни и игри ““Танец”“ – Скопје
Елзи Иванчиќ – Дунин/Станимир Вишински. 1995. “Танец” – Ората во Македонија. Институт отворено општество на Македонија, Скопје